Friday, June 14, 2013

ОСВРТ КОН СТИХОЗБИРКАТА „CONSTANT IN“ НА КОНСТАНТИН КАРЕВ



„Во почетокот беше Словото, и Словото беше во Бога, и Бог беше Словото.“
Зборот (Словото) има чудесна моќ.
Да му оддадеме признание на Зборот, овој пат на пишаниот збор. Имено, пред нас е првата збирка поезија на авторот Константин Карев. Кога првпат ја зедов в раце, кога првпат седнав и ја отворив, во мене остана јасен впечаток - станува збор за дело што тежи од љубов. Не го понесов тој впечаток поради тоа што поголем дел од творбите се со љубовни мотиви, не. Туку поради нешто многу поголемо, повредно. И само едно, површно читање на книгата јасно сигнализира дека станува збор за автор кој е искрено и длабоко вљубен во Зборот, станува збор за човек кој е опчинет  и опиен од неговата неверојатна магија и сила. Повтореното, внимателно препрочитување на стиховите ми го разоткри поетскиот свет на Константин Карев, свет од соништа, од таги, од љубов и разочарувања, свет исткаен од фини, лирски нишки, од чувства кои како свила се распредуваат од душата и срцето.
Впечатлив е спојот на древното и модерното што го прави авторот во својата поезија. Дел од стиховите налик се на народната песна, авторот ги гради со рима, рефрен, со препознатливи стилски изразни средства; наместа дури и вградувајќи во нив стихови од познати народни песни:
„По меани одам мила, рујно вино пијам...“
Константин Карев во својата поезија избрал да не го кроти зборот, да не го преобликува, да не го преоблекува во руво што би ја покрило голотијата на неговите мотиви, на неговите чувства. Не. Тој избрал да ги соочи своите зборови со публиката точно такви какви што се изнедриле, за да тргнат во потрага по честа и по совеста, а всушност по одговор на бројните прашања. Всушност, голем број од насловите на песните се обликувани во вид на прашања. Значи, авторот не си поставил себе си за задача да мудрува, да паметува, туку да сподели. Ете оттаму и дел од впечатокот дека книгава песни тежи од љубов.
„Зошто?“ – гласи насловот на една од песните.
Затоа! Илјадници зошто - едно затоа; едно зошто - недоброј затоа... 
Важно е да се трага, да се прашува, да се бараат одговори, бидејќи тоа му е својствено на човекот, тоа го очовечува, таа жед на пламенот Божја светлина во него што како огнот по кислород  копнее да знае, да открие, да дофати...
Константин Карев со својата прва збирка стихови токму тоа и го прави – поставува прашања и бара одговори. Прашањата се тешки, човештвото сè уште не понудило рационален одговор за нив. Можеби затоа што тоа ниту не се прашања на рациото, туку на душата?  Токму од таа перспектива, увидот во размислите на неговото парче душа низ ова лирско ткаење што Константин великодушно го распослал пред читателите е драгоцено и вредно за најголема почит.
Од сè срце го препорачувам, и му посакувам на авторот да остане непоколеблив во намерата да остави трага зад себе во темнината на непостојаното човечко битисување, да продолжи од соништа да ткае вистини, оти сите наши вистини еднаш биле сон и неспокој. Или, како што пее поетот:
„Понекогаш,
штом заспијам,
јас очи отворам.“
Дел од песните во книгата се илустрирани со музика, или, можеби творечкиот чин течел обратно? Можеби музиката била илустрирана со зборовите на дел од песните во книгава?

Гевгелија, 27.04.2013 година
Жаклина Филипова- Свеќаровска

No comments:

Post a Comment