Friday, June 14, 2013

РЕЦЕНЗИЈА НА КНИГАТА СО ПОЕТСКИ ТЕКСТОВИ „CONSTANT IN“ НА КОНСТАНТИН КАРЕВ



Малкумина знаат дека не се станува уметник со забрзан курс, ниту пак дипломирањето ви гарантира дека ќе бидете уметник по автоматизам. Па дури и не сум сигурна дали воопшто уметникот може да се создаде. Тоа значи дека уметниците се раѓаат. А како се наоѓаат? Тие се наоѓаат без да се бараат.
Сега, каква е позицијата на уметникот денес во Македонија?
Прво што доаѓа на ум е анегдотата: „Како да направиш милион евра во Македонија занимавајќи се со уметност? -  Па почни со два!“
Шегата на страна, ситуацијата е опасна. Се плашиме да не ни го променат името, идентитетот, а ние самите пополека се убиваме. Со години го правиме истото, не ги почитуваме домашните уметници, додека ширум му ги отвораме вратите на кичот и на просечноста. Дали нешто може да биде “премногу уметнички“ па со тоа да биде неподобно за јавно афиширање?
Еве што е она што мене од една страна како уметник, од друга страна како обичен читател и од трета, а можеби и најважна страна, како жена, ме допре читајќи го ова четиво и слушајќи ги овие песни:
Константин Карев со книгата „Констант ин“ со пространото поетско поимање на животот и сè што му е на дофат на сетилата ни понуди остварена и сериозна поетска авантура. Пеејќи ја поезијата со одмереност, наоѓа адекватен „говор“ на песната со култивираното поетско пеење.

„И кога мислиш, мисли сè.
Мисли ко последно да е
и ко да нема враќање.“

Овие стихови се на опасна граница да бидат приватна исповед на еден човек. Така, таа привидна граница, тоа сечиво на приватноста нè воведува во песните и нè залажува да помислиме како тоа и не е дел од вистински живот. Вештиот поет нè заплискува со својата искреност, терајќи нè да ги читаме неговите монолози од почеток до крај без престан, кои како глас од пустина доаѓаат без одек од другата страна.

„Проталкав јас низ улици темни.
Низ прозорец видов јас
жена што плаче
и солзи што пеат.“
Се чини дека јазикот во оваа книга ја дава нејзината вистинска вредност. Тој е сликовит, а стилските фигури во функција на комплексноста на песните.
Пред себе имаме еден чист, формиран, лесно препознатлив поетски израз. Секој збор е внимателно одбран, а изразите соодветно погодени.
Песните се богати со слики и метафори и градени со поетски говор со висок степен на експресија.

„Еј, таксист, одвези ме ти дома,
само, не знам каде тоа е.
Јас еднаш честа, другпат совеста ја барам.
Моите години безмилосно ме слават,
не жали ги твоите коњи железни“.

Карев е талентиран тројазичен поет. Длабокоумните песни се производ на неговата душа, со филозофски пристап кон животот. Тој истражува простори во кои поезијата се соединува со соништата и визиите, креирајќи цврст пат од стварно кон нестварно. Тој дозволува зборовите магично и лесно да пловат врз хартијата овозможувајќи им на читателите да допрат до неговиот свет и да ја дофатат неговата душа.

„So, take a look.
Take a look and tell me: what did you find?
Your eyes are open,
but your mind is blind“.

Неговата поезија не е оптоварена со квази-модернизам, ниту тежнее кон ефекти на надворешна убавина. Слободниот стих е во кореспонденција со духот на поетот, возбуден од сознанието дека смислата на животот е самото живеење.

„Јас сум циник,
јас сум злобен,
понекогаш сум кобен.
Но, верувајте: животот се живее,
тој не се страда“.


Адријана Јаневска, април 2013 година.

No comments:

Post a Comment